Бонвиванство со брендот Бонатти
Интимна одежда низ историјата
Историја на долната облека
Кога „долната“ облека станува ,,горна“ облека, кога тангите „дискретно“ ѕиркаат од фармерките, бретелите од градниците паѓаат по рамениците, а мажите мислат дека не е битна интимната облека за еротско вдахновение, тогаш е време да се преиспитаме за важноста на интимната облека, најблиска до вашата кожа. Првиот грев , Адам и Ева ќе го покријат со лист од смоква срамејќи се од својата голотија, ненасетувајќи дека од последиците на гревот ќе се развие една од најмоќните индустриски гранки, производство на интимна облека.
Во Стариот Рим се користел терминот „intimus“ за марами обвиткувани околу градите и бедрата, која подеднакво ја користеле и мажите ( древна унисекс варијанта).
Средниот век, мрачен и инквизиторски, ќе лансира мода на широки ногавици кои се шнирале со тенки траки кај меѓуножјето ( може да го замислите моментот на зорт да се отшнира, а сѐ уште не биле патентирани ножици). Маката го тера мажот на решенија и веќе во 16 век шнирањето се усовршува во т.н. брагет, вреќичка украсена со вез, траки и полудраги камења ( после ние жените сме биле сложена композиција)!
За време на војните , брагетот се правел од метал, како заштитен панцир таму каде мажот е најчуствителен ( среќа во несреќа е што за време на воените походи не можеле да бидат похотни, инаку секоја ерекција би била болно воздржување).
Додека мажите војувале жените верно ги чекале, но за секој случај носеле појас на невиност (железни килоти со клуч). Што е сигурно, сигурно е!
Единствената долна облека на жените биле долги кошули кои ги носеле под туники или фустани, а со истиот модел се служеле и мажите , но за разлика од жените тие биле модели кои им позирале на уметниците за средновековните слики и илустрации. Па ете, и жените напреднале во борбата за еманципација позирајќи со долги кошули а,ла Шерон Стоун во култниот филмски кадар со машка кошула и боксерици. Верувале или не, во минатото килоти ( гаќи по нашки) носеле само жени со лесен морал ( евентуално болни или стари, а наместо влошки се користеле крпи). Италијанките отсекогаш биле први во модните перформанси и први од останатите Европејки носеле килоти уште во 16 век и тоа од свила или лен. Наскоро ќе им се придружат и Холанѓанките носејќи долги ленени гаќи од холандско платно, додека наша Биљана платното го користела само за белење. Еден од култните романи на Стале Попов „Крпен живот“ детално ги разработува (не)културните разлики на селски и градски етникуми на почетокот од 20 век, и првиот еманципиран женски лик Доста Рожденката ќе биде осудувана од жените во руралната средина заради носење долна облека. Замислете, освен гаќи и носот си го секнела во шамивче, каков неморал ! Во исто време, Европејките си го стегаат задникот со корсети во облик на буквата S. Нагласен струк, истакнати гради и задник, со шнирање до изнемоштување, дури и за време на бременост! Во 1888 година во списанието Gazette излегува препорака дека долната облека не смее да е потешка од 3,3 килограми.
Немој да помислите дека биле поженствени жените во минатото, „тешко нив“ им било! Љубовта на Наполеон, Жозефина носела долги гаќи (sиври по нашки) украсени со чипки. Бонапарта навикнавме да го гледаме во бели sиври, му се можело !
При крајот на 19 век се појавува комбилизон од жерсе со долги ракави и откопчување на задната страна, а подеднакво ги користеле мажи, жени и деца. Најпрактично унисекс решение на столетието, сите исти како браќа Далтон.
Конечно 20 век, време на естетско доживување на интимната облека која станува афродизијак, неодоливо заводливо парче облека. Сѐ покусо, поукрасено, во сите можни материјали, детали, бои, намени и вкусови. Интимната облека е одраз на вашиот карактер, вашиот персоналити, ваша книга која ја читаат само привилигираните. Таа е сојузник на вашата кожа, ваше либидо и алтер его. Не е малку за да се преиспитате што носите одоздола. На рекламите за интимната облека заводливо кокетираат совршени тела, испраќајќи ни ја пораката дека е привилегија на манекенските фигури. Но совршенството е во различноста и достапноста! Линијата на брендот Бонатти е ваша животна линија по која одите во вистинската насока, здраво влегувате во една комфорна зона на радости.Крајностите на огромниот асортиман се избалансирани до перфекционизам, Бонатти интимната облека е едноставна и возвишена, скромна и раскошна, секојдневна и невообичаена, машка и женска, но секогаш различна и достапна ... Бонати е личност, интима која живее со вас !
Татјана Алексиќ